Скопје/Охрид, 6. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – ВМРО-ДПМНЕ преговара за набавка на 100 електрични автобуси и изградба на фабрика во Скопје за нивно производство со најмалку 500 нови вработувања, најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски на денешната трибина.
Во своето обраќање тој изрази жалење за тоа што се случува во Украина, но посочи дека Република Македонија мора да се води од она што е нејзин стратешки интерес, за подобрување на животот на граѓаните со привлекување на директни странски инвестиции. Тој напомена дека градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поканат сите странски компании коишто мигрираат од кризните региони во Украина и Русија да дојдат во Македонија, да отворат нови работни места.
– Ги задолжив градоначалниците од градовите Охрид, Битола, Илинден да испратат писмо до овие компании да дојдат и да инвестираат во Македонија, но не само од овие компании, туку и од сите градоначалници од редот на ВМРО-ДПМНЕ да упатат писмо до сите странски инвеститори кои што мигрираат од кризните региони во Украина и Русија, да дојдат да инвестираат во Македонија. Дополнително и набавка на нови минимум 100 парчиња на електрични автобуси кои што од прилика годишно го намалуваат загадувањето за 80 илјади тони по парче. Разговараме и за отворање на фабрика тука во Скопје во Македонија за производство на овие електрични автобуси во кое што ќе се вработат минимум 500 луѓе на силно и добро платени работни места, најави Мицкоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива