Охрид, 27. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на програмата Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), Црвен крст Охрид организира настан – прошетка и кратка работилница за подигнување на еколошката свест кај младите.
– Целта на овој настан е да се поттикнат сите младинци да ја разбудат својата еколошка свест и да направат мал чекор за големи промени. Да се сплотиме сите заедно и да ја направиме планетата Земја подобро место за живеење. Настанот „Биди екологист, а не песимист“ ќе се одржи во сабота, на 30-ти април со почеток во 11:30 часот на Градскиот плоштад. Од тука па до паркот пред „Куба Либре“ е организирана прошетка по охридскиот кеј. На финалната локација, со почеток во 12:30 часот учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на едукативна и интересна презентација испреплетена со вежби (едукативни игри) на тема екологија, порачуваат организаторите.
Додаваат дека е уникатен начинот на кој што се плаќа влезница за овој настан. Заинтересираните со себе треба да донесат 5 шишиња или пак 3 лименки за да можат да бидат дел од настанот.
Програмата Црвен крст во Акција- Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст на Република Македонија. Истата се имплементира во сите Општински организации на Црвен крст и на годишно ниво обучува околу 1.200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 дисеминатори кои работаат со младинците.
Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество. Младите во текот на овие обуки добиваат и практични знаења. Како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои му помагаат на ранливото население. На годишно ниво се изработуваат од 150 до 200 мали проекти преку кои им се помага на околу 3.000 лица во нашата земја, на некои краткорочно додека пак за некои помошта е долгорочна. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива