Скопје, 31. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – И годинава во Македонија ќе се одбележи 2 февруари, Светски ден на водните живеалишта.
Воедно, на истиот датум годинава ќе се одбележи и петгодишнина од денот кога беше потпишан Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа од страна на трите земји што го делат Преспанскиот басен и на Европската комисија. Договорот сè уште е неактивен, затоа што не е ратификуван од страна на грчката влада. Неодамна Македонија и Албанија, повторно без Грција, воспоставија „Прекуграничен биосферен резерват“ во областа под покровителство на УНЕСКО, во кој Грција беше поканета да се приклучи.
Седум еколошки организации – MEД, Еуронатур, ФЗС, Плантлајф, КОРА, ППНЕА и СПП – ја повикуваат новата грчка влада да го ратификува Меѓународниот договор за паркот Преспа. По децениските напори вложени за Преспа, сите овие организации доаѓаат до истиот заклучок: единствениот избор за заштита, правилно управување и одржлив развој на ова чувствително и вредно подрачје е трите држави да воспостават трајни механизми на дејствување, координација и заеднички активности. Одделни национални активности, секако позитивни, не можат да дадат максимални резултати и придобивки за луѓето и природата.
Со оглед на недостигот од трилатерална соработка во Преспа предводена од државите во Преспанскиот басен, заштитата на подрачјето сè уште се потпира на иницијативи преземени од локалните и меѓународните дејствувачи со жителите на Преспа.
-Секретаријатот на Mediterranean Wetlands Initiative (MedWet) ја повикува новата грчка влада, како што тоа го направи со претходната, без понатамошно одложување да го ратификува Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа, рече Делмар Бласко, координатор на МедВет од неговата канцеларија во Арл, Франција.
Тој додаде дека „ова ќе претставува значаен чекор кон обезбедување заштита и соодветно ефективно управување на ова значајно подрачје, не само како придобивка за природата, туку и за локалното население. Има одлични можности одржливиот развој на подрачјето парк Преспа да биде одличен пример за учеството и ангажираноста на локалното население во маркетинг и рационално користење на локалните ресурси во Јужна Европа.“ (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива