септември 7, 2022

Охрид, 7. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Изминатиов период, советникот од Левица, Виолета Аврамоска поднесе неколку иницијативи кои се од општ интерес за сите жители на Охрид, информираат од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.

Додаваат дека одбивањето на овие иницијативи од страна на локалната власт само ја потврдило дрскоста, ароганцијата и немањето визија на локалната власт.

Дел од тие иницијативи се:

– Иницијатива за донесување одлука со која престојот и исхраната на децата згрижени во државните градинки на територијата на Општина Охрид ќе бидат ослободени од партиципација

– Иницијатива за донесување одлука со која од Министерството за труд и социјална политика ќе се побара воведување двосменско работење на детските градинки на територијата на Општина Охрид

– Иницијатива за донесување одлука на Советот на Општина Охрид за изградба на јавни тоалети

Од партијата потенцираат дека иницијативите на советникот на Левица не беа ставени како точки на дневен ред на седниците, а за нивното игнорирање советникот не беше писмено известен, иако тоа е обврска на Претседателот на совет.

– По поднесувањето на Иницијатива за изградба на јавни тоалети, сепак успеавме да ја потсетиме Локалната власт на ДПМНЕ во Охрид, дека тоа беше нивно предизборно ветување и изградба на јавни тоалети беше предвидена со Ребалансот на буџетот. На 15-тата Седница на Советот на Општина Охрид, советникот на Левица, Виолета Аврамоска, поднесе 80 амандмани, со цел да ја блокира точката на дневен ред во врска со Предлог-програмата во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, на подрачјето на Општина Охрид, за што доби поддршка од 20 граѓански здруженија. За жал, и покрај тоа што советникот на Левица ја напушти седницата, советниците ја изгласаа продажбата на „Мауцкер“, независно од укажувањата на советникот на Левица и од археолозите, дека „Мауцкер“ всушност претставува археолошки комплекс, каде се наоѓа културно наследство, старо 2.400 години. Да потсетиме, археолозите беа скандалозно избркани од седницата од страна на Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, кој функцијата која му ја доделила неговата партија ја деградира со неговото насилничко однесување и ја доведе до самото дно. Советникот на Левица, и покрај игнорантскиот однос на локалната власт, и понатаму ќе продолжи со поднесување иницијативи кои се во интерес на Охрид и Охриѓани, стои во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука