Започнува првиот „Охридски фестивал на виното“
Охрид, 8. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид започнува првото издание на „Охридскиот фестивал на виното“, кое ќе трае до 10-ти септември.
На „Кеј Македонија“, наспроти хотелот „Палас“ ќе се претстават 10-на македонски винарии, неколку увозници на вино, а во понудата ќе има и вина од Шпанија. Секако ќе бидат промовирани и автохтоните охридски вина. Идејата за организирање на вински фестивал во Охрид е присутна одамна, бидејќи и самите винарии имаат потреба од тоа, вели организаторот Пане Темов.
– Винската култура во Македонија не е новитет, одамна размислувавме за фестивал во Охрид, за тоа и винариите имаат потреба. Македонија е винска земја, многу винарии од странство купуваат грозје од кај нас, сакаат да дојдат и винарии од соседството. Ние правиме фестивал во Скопје и Кавадарци и имаме големо искуство со винската култура во Македонија. Во Охрид ќе се промовираат 10-на македонски винарии, ќе има вино и од винаријата на Ѓорѓе Балашевиќ, како и увозници на вино, рече Темов.
Покрај презентацијата и можноста за дегустација на уникатни вина, „Охридскиот фестивал на виното“ ќе биде збогатен и со настапи на познати охридски и македонски изведувачи.
Градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков изрази задоволство што ваков фестивал за првапат ќе се организира во Охрид и потенцира дека истиот ќе продолжи да се организира, само во друг период од годината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |