Охрид, 9. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, на 17-ти септември ќе се одржи јавна трибина насловена „Разговори за касарна“.Настанот
ќе се случува во просториите на Касарна Хаб, од 18:00 часот, а покрај експерти од областа на архитектурата и млади архитекти, ќе може да учествува и локалното населени.
Ќе бидат презентирани академски истражувачки трудови, а ќе има и изложба на наодите кои се однесуваат на просторот на поранешната охридска касарна.
– Овој локалитет е веќе подолго време е предмет на индивидуално истражување на поедини членови на колективот, меѓутоа последните неколку месеци АРХРИД групно работи на селекција, обработка и презентација на собраните материјали. Целта на овој настан е да се подигне свеста на пошироката јавност за значењето на локацијата, да се искажат стручните ставови по однос на квалитетите на овој простор и крајно да се потенцира потребата од изработка на сеопфатна архитектонско-урбанистичка студија, информираат организаторите АРХРИД.
Инаку, АРХРИД е стручен колектив чии главни цели се едукација (подигнување на свеста за архитектонските и урбанистичките вредности на градот) и заштита (на постојното културното наследство, како и препознавање и вреднување на архитектонското творештво и урбаните фрагменти во градот), преку спроведување активности (во јавниот градски простор) и креирање форум (потенцирање на значењето за оформување и јавно искажување на заеднички стручен став по актуелни теми). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива