Вториот Чинар загуби уште една поголема гранка (Фото/Видео)
Охрид, 12. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Вториот Чинар, една од охридските препознатливости, загуби уште една поголема гранка, јавуваат читатели на OhridPress.
До овој момент нема потврдени информации за причините кои доведоа до инцидентот, но најверојатно се работи за старост, што довело до пукање на гранката, која подоцна беше отстранета со соодветна механизација.
Екипата на OhridPress сними фотографии и видео од немилиот настан. Глетката е тажна и навистина е крајно време нешто да се направи повеќе за заштита на охридските чинари.
Екипи на јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“ се на терен ја отстрануваат трулата гранка, која падна ноќеска над објект и за среќа не повреди случајни минувачи.
– Општина Охрид има управувачко право со чинарите. За таа цел пролетта ангажиравме експерт за кастрење и одржување, кој направи увид и даде насоки за неговио уредување. Гранката што падна е трула. Екипи на Охридски комуналец од утрово се на терен ја отстранија трулата гранка, информира за МИА општинската прес-служба.
Наесен, кога ќе паднат лисјата, посочија дека повторно ќе побараат стручно мислење за правилно оформување на крошната на чинарот.
Чинарот (Platanus orientalis L.) кај Кошишта е прогласен за природна реткост. Неговата старост се проценува на околу 300 години. Стариот чинар во охридската чаршија, но и уште шест други чинари и познатиот кочеџик кај црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се прогласени за природно наследство според стариот закон од 1973 година и треба да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |