Скопје/Охрид, 12. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Скандалозни се најавите дека може да дојде до исклучување на колекторскиот систем на Охридското Езеро, поради превисоки сметки за струја, реагираат од партијата Левица.
– Сите препумпни станици, вкупно 18 на број, работат на електрична енергија и директорот на ова јавно претпријатие најави дека постои можност сите во еден ден да бидат исклучени. Прекин на работата на пречистителната станица и пумпните станици што учествуваат во прочистувањето на водите на Охридското Езеро би значело фатална еколошка катастрофа за едно од најстарите природни езера во Европа. Скандалозен е и молкот на министерот Нуредини за оваа сериозна закана по Охридското Езеро, од каде нема никаква најава за преземање мерки за ваквата опасност, реагираат од партијата.
Додаваат дека неспособноста и немањето стратегија на криминалната коалиција СДС-ДУИ се рефлектира во секоја сфера на општествениот живот – преку национални понижувања, економски пустош, коруптивни скандали до целосна деградација на најзначајните природни богатства. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес