септември 13, 2022

Охрид, 13. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Процесот на дигитализација и овозможување на дигитални јавни услуги за граѓаните мора да се одвива паралелно во големите, средните и во малите општини. И овој пристап треба да биде стратешки и континуиран, за да имаме реални промени, поквалитетни услуги и задоволни граѓани.

Ова е еден од заклучоците од денешната Тркалезна маса: „Предизвици и можности за добро локално владеење во дигитална ера“, која се одржа во Охрид.

Дигиталната платформа „мЗаедница“ е мобилна и веб апликација, која овозможува системска дигитализација на локалните самоуправи. Истата ја користат 10 општини во Македонија и на граѓаните им нуди брза и едноставна комуникација со општината, дигитално аплицирање за субвенции за велосипеди, еднократна помош за прваче или за лица со попреченост и други услуги.

На Тркалезната маса се говореше и за надградба (update) на апликацијата. Имено, ќе бидат овозможени две нови е-услуги: упис на деца во градинки и упис во основни училишта, како и мСоветник (алатка за директна комуикација на граѓаните со избраните советници и запознавање со работата на Советот). На овој начин, апликацијата ќе овозможи едноставен, брз и транспарентен процес на уписи на деца во градинки и основни училишта, поедноставување на целиот процес на работа за училиштата, градинките и општините, како и заштеда на средства и време.

Тркалезната маса се одржа во организација на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука