Струга, 18. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – На само еден километар воздушна линија од Охридското Езеро, во близина на населените места и индустриската зона, депонијата и понатаму претставува најголема главоболка за жителите на Струга, јави Тв21.
Тука секојдневно се фрлаат огромни количини отпад, а според податоците на еколошките организации, станува збор за околу 40 илјади тони годишно. Активистите од граѓанскиот сектор од минатата година се обидуваат преку правен пат да го спречат труењето и уништувањето на природата, но како што се чини, нивните жалби завршија во судските архиви.
Предметот веќе една година е во Апелациониот суд во Битола. Оваа пасивност, вели aктивистот од граѓанската иницијатива „Доста е“ Глигорије Ќатоски, кој додава дека тоа покажува дека за правосудниот систем здравјето на граѓаните нема никаква важност.
Друга депонија која исто така преставува проблем се наоѓа во Лабуништа. Еко-активистите велат дека анализите на Институтот за јавно здравје од Охрид покажуваат дека поради депонијата во Струга е забележано зголемување на малигните заболувања, на компликации кај бремените жени, како и зголемување на респираторните заболувања. (Крај)
извор: Тв21 фото: DW видео: Тв 21