Скопје/Охрид, 20. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Шестиот конгрес на македонските еколози, со меѓународно учество ќе се одржи во хотелот „Метропол“, Охрид, во периодот од 15-ти до 18-ти октомври 2022 година и ќе обележи 50 години активно дејствување на Македонското еколошко друштво (МЕД).
– Одржувањето на овој конгрес е од големо значење за македонските еколози, со оглед на тоа што ова е единствен научен собир од ваков тип кај нас. Се очекува дека на конгресот ќе учествуваат повеќе од 200 научни работници од земјава и од странство, со свои научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Работата на конгресот ќе се одвива во повеќе секции, кои се однесуваат на проучување популации и екосистеми, хидробиологија, управување со води и мониторинг, биодиверзитет и заштита, шумарство и земјоделство, управување со природни ресурси, загадување и заштита на животната средина, промени во животната средина и еколошка едукација, порачуваат организаторите.
Од своето формирање во 1972 година, Македонското еколошко друштво (МЕД) ги обединува професионалните еколози од различни струки од Република Македонија, со цел промовирање на екологијата како наука, унапредување на еколошката едукација и заштита на животната средина и природата. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: ОхридПрес