Охрид, 30. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во охридското „Форт Кафе“ синоќа се одржа уникатно и „ретко“ доживување со бројни борци за правата на лицата со ретки болести и активистот Гордана Лолеска од Здружението „Ретко е да си редок“.
– Годиниве наназад, лицата со ретки болести поминуваат низ тешки премрежја. Да оставиме сепак да не води надежта дека и за овие дечиња ќе има нов ден и ќе светне едно подобро утро, порача Лолеска во обраќањето пред присутните.
Од „Форт Кафе“ испратија благодарност до Лолеска за нејзиното учество во „Охридските приказни“.
– Разговаравме за Охрид со Гордана Лолеска – борец за правата и гласот на ретките. За тоа каков е и каков сакаме да биде Охрид, затоа што Охрид сме сите и сите сме Охрид. „Реткоста инспирира“ со ретката и храбра Гордана, порачуваат од „Форт Кафе“.
З’ш Охрид е градска приказна…
Гордана Лолеска е мајка на три деца, ќерката Емилија и близнаците Андреј и Давид. Личниот животен предизвик наречен „Алпорт“ го преточи во борба за правата на сите лица и нивните семејства кои секојдневно се соочуваат со некоја ретка болест. Нејзиното четврто чедо е проектот „Ги запознаваме ретките болести“, проект роден и израснат во Охрид, но патува во соседството, Европа и преку океанот и веќе 4 сезони ја запознава јавноста со ретките болести. Личната приказна и борба ја објавуваат светски списанија, нејзината работа е прикажана на светски конгреси и конференции, со што Гордана преку гласот и борбата за ретките го прави Охрид препознатлив по својата хуманост, гордост, заедништво и реткост. Бескрајната упорност и посветеност на својата кауза јавноста ја препозна, а Охрид ја награди со повелбата „Св. Климент Охридски“ – Патрон на Охрид.
„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing