Охрид, 5. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS посочуваат дека на седумнаесеттата седница на советот на Општина Охрид, закажана за петок, на дневен ред, повторно на мала врата, се внесени неколку точки за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација, со цел вклопување на бесправно изграден објект.
– Повеќето од локациите се на брегот на Охридското Езеро или во рамките на Националниот парк „Галичица“ (КО Љубаништа, КО Пештани, КО Охрид 4 и КО Велестово). Веќе подолг период и од националниот парк постојано алармираат за нелегалните градби во неговите граници. Од општината забораваат дека не може да се легализира во подрачјето опфатено со Урбанистички план за крајбрежје, според обврските преземени во Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион, бидејќи тој документ сè уште не е донесен, е во завршна фаза. А за селата во тек е изработка на урбанистички планови согласно принципите за заштита на Исклучителната универзална вредност на подрачјето. На ваков начин се создава уште поголем урбанистички хаос кој всушност властите се обврзани да го зауздаат согласно препораките на UNESCO. Преку вметнување на овие бесправно изградени објекти во овој момент и на ваков начин, се врши непочитување на преземените обврски. До Министерство за животна средина и Просторно планирање испратено е барање дали од нивна страна е дадено мислење за овие локации. Парцелите во најголем дел се државно земјиште, според податоците достапни во Агенцијата за катастар на недвижности. Со тоа што парцијално би се дозволила легализација, практично ќе се расцепка целината и ќе се поттикне така да се постапи со остатокот – насилна приватизација на државно земјиште. Трендот на отуѓување државно земјиште е веќе започнат, на повеќе локации, без јавни расправи или транспарентен процес, без консултации со стручната јавност, само со гласање на општинските советници, реагираат од Охрид SOS.
Додаваат дека на удар се природното и културно наследство на регионот, но се чини тоа на советниците не им пречи, само слепо ги гласаат точките на дневен ред без притоа да имаат предвид што се отуѓува или губи на ваков начин.
– Бараме да се повлечат сите точки за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изграден објект, а кои се однесуваат на локации на крајбрежјето на Охридското Езеро или во границите на Национален парк „Галичица“, сè додека не се донесат сите урбанистички планови и други акти во согласност со препораките на УНЕСКО. Доколку се вистински посветени и кооперативни, градските административци треба да постапуваат поинаку, а не вака лицемерно, додека се чека исполнување на одредени препораки или стандарди, да вметнуваат вакви точки. Воедно, изгледа и лесно се заборави Препорака 9 од Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година, каде за сите нелегални градби треба да се изработи оцена за влијанието врз природното и културното наследство. Препораките од реактивните мисии државата има обврска да ги исполни согласно одлуките од Комитетот за светско наследство од 2019 и 2021 година и се последната шанса да се забави и спречи деградацијата на светското наследство на регионот, стои во реакцијата на Граѓанската иницијатива Охрид SOS. (Крај)
извор: ОхридПрес фото:Охрид SOS