Скопје/Вевчани, 9. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Задоволство ми е да ги поканам сите љубители на добрата забава и на љубителите на традицијата и македонските обичаи да дојдат на 13-ти и на 14-ти јануари во Вевчани, да го посетат Вевчани и да бидат дел од уште едно издание на Вевчанскио карневал, истакна на денешната прес конференција Спасе Кочовски, градоначалник на општина Вевчани, кој откри повеќе детали за една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1500 години.
Тој посочи дека на 13-ти јануари, во 13:00 часот започнува Василичарското дефиле кое продолжува према центарот на Вевчани со играње на оро. А, потоа дефилето продолжува низ вевчанските улици. Традиционалните вевчански маски, зетот и невестата ќе ја посетат секоја куќа во Вевчани. Тој дел на 13-ти јануари завршува со полнење на вода на Вевчанските извори. Вечерта на 13-ти јануари е проследена и со забавен дел со познати македонски музички имиња.
– На 14-ти јануари продолжува карневалот, значи уште од раните утрински часови василичарите организирано ќе ја посетат секоја вевчанска куќа каде што има човек кој што се вика Васил, бидејќи на 14-ти веќе е Свети Василија, именден на секој кој што се вика Васил. И манифестацијата продолжува во центарот на Вевчани со познатото Василичарско оро и трае неколку часови, и некаде накај 17:00 часот вечерта завршува Вевчанскиот карневал, рече градоначалникот, кој напомена дека веќе втора година карневалот се одржува без финансиска поддршка од министерството за култура.
Музичката програма за овогодинешното издание на Вевчанскиот карневал ќе биде полна со македонска музика и легендарни музичари. Легендите на македонскиот Рок енд Рол – Ласт Експедишн на 12-ти, кога ќе настапи и Венко Серафимовски (Конкорд) и проектот Deep Purple and Led Zeppelin трибјут кои ќе не движат и развеселат низ музичко патување од младоста. Во четврток и Фиц ќе пее за „кучето мое“ и „ладна како Кока Кола“ додека го придружуваат Д’Инвизиблс. На 13-ти ќе настапи легендата на македонската народна музика, кралот на тамбурашите Нино Величковски и кумановските тамбураши, за прв пат на Вевчанскиот карневал доаѓа бенд од Грција, Егејска Македонија, „Банда Ен Топика“, кои многу вешто го свират нашето народно македонско и балканското музичко богатство, испреплетено со џез стандарди, а локалната ѕвезда и шоумен Перо Бели, како на сите убави поводи ќе ја има честа да ја затвори музичката програма на годинешното издание на Вевчанскиот карневал.
Вевчанскиот карневал, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Тој е еден од најпознатите брендови на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години. Постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива