јануари 11, 2023

Охрид, 11. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во духот на православието и востановената традиција Охрид и годинава ќе биде центар за чествување на големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Подготвена е богата програма и се очекува традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро да го проследат илјадници верници. Ова беше истакнато денеска на првиот состанок на организациониот одбор кој е задолжен за целокупната манифестација.

Финишираат подготовките за одбележување на Богојавление-Водици во Охрид

Како и секоја година, организацијата на Богојавленскиот водосвет ќе биде составен од два дела. Првиот дел е црковниот дел, за кој е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и вториот дел е граѓански дел што го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната пропратната програма.

На 19-ти јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 07:00 часот, а во 10:00 часот од Градското пристанишете ќе биде положен Светиот крст во водите на Охридското Езеро. Заинтересираните капачи кои сакаат да бидат дел од настанот, своето учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во Охрид.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12:00 часот на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридсаки“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем“. Во организација на Црвен Крст истиот ден од 09:00 до 15:00 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во рамки на активностите за техничка подготовка и логистика, во недела на 15-ти јануари охридските нуркачи ќе спроведат чистење на дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се спроведе положувањето на Светиот крст. Исто така предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот и активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат и на 20-ти јануари со Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини.

На денешниот координативен состанок, присуствуваше градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев, Координаторот на манифестацијата, Митко Топенчаров, претставници од Дебарско кичевската епархија, претставници од СВР Охрид, охридските јавни претпријатија, Територијалната противпожарна единица, од нуркачките клубови „Амфора“ и „Охрид“, од Капетанијата на пристаништа, од Црвен Крст, од охридските здравствени установи, претставници на туристичкиот сектор и други лица кои се вклучени во организацијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука