Скопје/Охрид, 12. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Околу 15.000 туристи од Холандија оваа година се очекува да пристигнат во Охрид со директни чартер летови преку туроператорот ТУИ, соопштија од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) по денешната промоција на интернационалниот саем „Vakantiebeurs Utrecht”, кој се одржува од 12-ти до 15-ти јануари во Холандија.
На првиот ден на манифестацијата, денеска, биле промовирани македонските туристички потенцијали во комбинација со македонски вина и храна во организација на АППТ и ТУИ- Холандија.
– Потврдени се чартери за средината на мај до Охрид, по четири пати неделно, додека во висока сезона нивниот број ќе биде шест чартери неделно од Холандија и дополнително поставување на Македонија во кружните патувања. Очекувањата на ТУИ – Холандија за 2023 година се приближно 15.000 туристи, што претставува најголема бројка досега, стои во информацијата објавена на Facebook профилот на АППТ.
Интересот за македонскиот туристички пазар, според Агенцијата, е зголемен и нашата дестинација се повеќе е застапена во програмите на туроператорите од Холандија, но и генерално во овој дел на Европа.
На презентацијата покрај големиот број туроператори присуствувала и в.д амбасадорката на Република Македонија во Холандија, Бети Јачева, како и хотелиери и туроепратори од Охрид. (Крај)
извор: мкд.мк фото: АППТ