Македонија

СОНК бара до среда да се исполнат барањата или ќе организира Централен протест

Битола, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), на редовната седница одржана вчера, едногласно донесе неколку заклучоци.

Просветните работници од Битола истакнуваат дека напорите на Советот на СОНК, согласно законите на Република Македонија и меѓународните конвенции, низ социјален дијалог со социјалните партнери, за да се изнајде заедничко решение по барањата на СОНК, се причина за Генералниот штрајк и понатаму не резултираат, поради неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства.

– Согласно ваквите непроменети состојби Советот заклучи Генералниот штрајк да продолжи со одржување и во наредниот период. Со цел да се упати нова и поенергична легитимна порака до социјалните партнери, Советот одлучи на 4-ти февруари, среда, во општините кои ги опфаќаат регионалните одбори на СОНК, да се организираат јавни протести, преку кои дополнително ќе се манифестира одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања. Советот им препорачува на регионалните одбори на СОНК да им овозможат учество на јавните протести на сите полнолетни граѓани, кои ќе изразат лична подршка на барањата на просветните и културните работници, членови на СОНК. Советот ги задолжува регионалните одбори на СОНК да ги превземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување на мирни и достоинствени протести, додава Советот на Самостојниот синдикат.

Доколку ресорните министерства и Владата на Република Македонија не пристапат кон одговорен социјален дијалог со раководството на СОНК за договарање на взаемно прифатливи решенија по барањата, во тој случај Советот на СОНК заклучи да се организира Централен протест пред ресорните министерства и Владата на Република Македонија на 6-ти февруари, со учество на сите членови на СОНК кои ја поддржуваат Одлуката за штрајк, како и сите полнолетни граѓани кои изразуваат подршка на легитимните барања на СОНК.

Советот на Самостојниот синдикат ги повикува граѓаните да се приклучат на борбата за подобри услови и поквалитетно образование. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука