Вевчани/Охрид, 14. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Младиот охридски фотограф Бобан Стојаноски изработи промотивно видео од најинтересните моменти од годинешното издание на карневалот во Вевчани.
– Со фотографија и видеографија се занимавам скоро 5 години, дел од моите фотографии и видеа се професионално направени, а дел се како хоби, вели Бобан за OhridPress.
Повеќе за него и неговата работа на неговиот профил на Instagram.
Денеска во Вевчани, со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар завршува годинешното издание на Вевчанскиот карневал. Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата каде што има име Васил, Василиј.
Во фокусот и на годинашното карневалско издание беа актуелните состојби во земјава и светот. На сатиричен и уникатен начин вевчанци ги прикажаа енергетската и економската криза, изградбата на автопатот Кичево-Охрид, а се пошегуваа и со работењето на актуелната власт. Во Вевчани „пристигна“ и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со Францускиот предлог, имаше обид за решавање на спорот со соседна Бугарија, активисти на Анима мунди се бореа за правата на животните, продефилира и Жан Митрев со дел од неговата клиника, а антикорупционерите работеа на решавање на проблемот со корупцијата. И војната во Украина и Светското првенство во фудбал беа инспирација за вевчанци, но не ја заборавија ниту кралицата Елизабета, а свој настап имаше и Мањифико со својот бенд. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Бобан Стојаноски