Охрид, 15. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од локалниот огранок на партиајта Левица од Охрид, преку допис до медиумите обвинуваат дека работниците во ЈП „Охридски Комуналец“ биле оставени без декемвриска плата, а информираат и за сомнителни тендери со фирма од Битола, тешки над 150 илјади евра.
Додека градоначалникот Кирил Пецаков и директорот на ЈП „Комуналец“, Саше Најдески, се сликаа на охридскиот плоштад за време на верските празници Бадник и Божик, работниците на ЈП „Комуналец“ Охрид и Василица ја поминаа без плата, реагираат од Левица и прашуваат:
– Дали е точно дека причината за ваквата состојба во ЈП „Комуналец“ е целосната исплата на сомнителниот тендер, склучен меѓу ЈП „Коминалец“ и битолската фирма „Грин-Тим“, тежок 153.496 евра, за изнајмување на метачки, за кој Левица веќе ја информираше охридската јавност? Дали е точно дека дел од износот, договорен со сомнителниот тендер, биле исплатени од сметката на Општина Охрид? Дали е точно дека сопственикот на битолската „Грин Тим“ е близок на структурите на ДПМНЕ, односно на вечниот пратеник, Александар Николоски и дека дел од средствата од овој тендер ќе бидат наменети за финансирање на неговата партија, иако овие средства се всушност народни пари? – прашуваат од партијата.
Додаваат дека во исчекување на одговорите на овие прашања, Левица, како единствена работничка партија, остро ќе реагираат на состојбата на работниците во Јавното претпријатие, чии семејства се оставени без приходи за време на големите верски празници, за време на економска криза, само за задоволување на лични и партиски интереси на локалната власт. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес