Лабуништа, 22. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на Лабуништа ја одложија одлуката за бојкот на наставата поради актуелниот проблем со каменоломите, информираат од Месната заедница и Здружението „Натура лаб“.
– По објавената одлука за бојкот на настава, пристигна реакција од страна на македонската Влада, која одржа состанок во четвртокот на 26-ти јануари 2023 година со претставници на Месната заедница и „Натура Лаб“, со цел изнаоѓање решение за актуелниот проблем со каменоломите. Според тоа, одлуката за бојкот се повлекува, односно се одложува. Очекуваме позитивен исход, а новостите од одржаниот состанок ќе ги споделиме веднаш, информираат од локалната Месна заедница и Здружението „Натура Лаб“.
Претходно беше најавено дека учениците од Лабуништа започнуваат со бојкот на наставата во основното и средните училишта.
– Доколку проблемот со Каменоломите не се реши до почетокот на второто полугодие нема да ги пуштат децата на настава во основните и средните училишта. Бидејќи до 21-ви јануари 2023 година нема одговор од Министерството за економија, одлуката донесена на граѓанскиот собир организирана од Месна заедница на Лабуништа стапува на сила од понеделник, 23.01.2023 година, порачаа тогаш.
На 29-ти декември 2022 година жителите на ова село излегоа на протест на кој јасно порачаа дека цврсто и заедно стојат на барањето за затворање на двата каменоломи.
– Стоп за каменоломите. Денешниот глас беше глас на народот. Народот кажа НЕ за каменоломи, НЕ за уништувачи на нашето Лабуништа, порачаа на протестите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива