јануари 25, 2023

Охрид, 25. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Евтина пропаганда на менаџерскиот тим на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид во обид да ги оправда предложените нови цени за користење на паркинг простор во Општина Охрид, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид на последната информација до јавноста од претпријатието за новите цени на услугите.

– Зад наводното намалување на цените во интерес на граѓаните се крие реално зголемување на трошоците за граѓаните за оваа намена. Релативно намалување на цените се предлага само во Премиум зоната која брои најмалку паркинг места. Граѓаните во оваа зона со измените ќе можат да ги паркираат своите возила шест месеци по цена од 30,00 денари по час. Но затоа останатите шест месеци за истата услуга ќе платат 100,оо денари по час. Цената од 100,оо денари по час со одлуката која е се’ уште во сила се применува само три месеци во екот на туристичката сезона. На сметка на најавеното поефтинување на цените за паркинг просторот во Премиум зоната, со предложените измени растат цените во Зоната А и Зоната Б во кои се наоѓаат најголем број од паркинг местата. Во Зоната А граѓаните наместо три месеци, сега за своето возило ќе треба да плаќаат шест месеци по 40,00 денари за час. Во Зоната Б наместо досега утврдената цена од 20.оо денари по час важечка во девет месеци од годината и цената од 30,оо денари по час во останатите 3 месеци, со измените ќе треба да плаќаат шест месеци по 30,оо денари од час, а останатите шест месеци 40,оо денари од час. Граѓаните заинтересирани за дневни карти истите ќе можат да ги набават по цена од 400 денари во Зона А и Б во текот на шесте „зимски месеци“ и по цена од 600, односно 500 денари во шесте „летни месеци“. Повеќе нема да можат да набават дневни карти за 400 и 300 денари во текот на целата година, реагираат од партијата.

Додаваат дека Јавното претпријатие утврдило дека сопствениците на глисери треба да одвојат повеќе средства од својот буџет доколку сакаат и понатаму да ги користат нивните услуги. На пример, сопствениците на глисер до 6,5 метри за користење на сидриштето „Билјанини Извори“ Охрид, за паркирње на своите пловни објекти, со предложените измени треба да плаќаат 16.500,оо денари за шест месеци и 33.000,оо денари за период од една година, наместо досегашните 9.000,00 денари, односно 18.000,00 денари.

– Со предлог одлуката драстично се зголемуваат и цените за користење на спортските терени што секако не кореспондира со тврдењето на претпријатието дека го штитат спортскиот интерес на градот. Транспарентно работење значи реално и целосно прикажување на фактите, а не делумно нафрлање на податоци прифатливи за јавноста, но далеку од реалноста. Доколку се усвојат предложените измени, колку и да го спомнувате Вашето залагање за заштита на охридскиот интерес, граѓаните сами ќе ги почувствуваат последиците од Вашите цврсти заложби, онака како што ги почувствуваа заложбите за нови цени на менаџерите во ЈП Охридски Комуналец“, ЈП „Градски Пазар“ и најновите и највисоките на ЈП „Градски Гробишта“. Како и за останатите јавни претпријатија, така и за ЈП „Билјанини Извори“ Охрид очигледно приоритет претставува зголемување на цените на услугите, а не одржување и заштита на јавниот интерес. Притоа, се користат секакви изговори, обвинувања, оправдувања, популизам, за да се стигне до целта и да се претстават како „херои во неволја“ кои со длабоко жалење носат одлуки, штетни за граѓаните, но неопходно потребни за својот комодитет, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид. (Крај)

извор: СДСМ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука