ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бугарија го повлече амбасадорот од Скопје и најави суспендирање на сите меѓудржавни проекти со Република Македонија

Софија/Скопје, 25. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Бугарија ќе ги прекине сите заеднички меѓудржавни проекти со Република Македонија поради претепувањето на Христијан Пендиков, објави бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков откако денеска беше сослушан од собраниската Комисија за надворешни работи.

Тој појаснува дека Софија нема да ја запре европската интеграција на Скопје бидејќи, тврди, Македонија никогаш и не започнала преговори. Затоа, запирањето на заедничките проекти ќе биде дел од бугарската реакцијата за случајот со Пендиков. Тој смета дека е цинично во ваква ситуација со Скопје да се разговара, на пример, за заедничка еколошка патека, јави порталот 360 степени.

– Сите сме на мислење дека работите не можат да продолжат како што беа. Во моментов тоа не е продуктивен пристап. Мора јасно да се стави до знаење дека работите се сменија. Работите нема да продолжат, ќе разгледаме повеќе компоненти и елементи на нашата билатерална соработка со оваа наша соседна земја, вели Милков.

Тој побара македонските власти да се погрижат да има одговорност за тепањето на Пендиков, а тврди дека охриѓанецот кој се декларира како Бугарин, добива закани и во болница.

– Не може болницата во која тој се лежи да прима закани преку Интернет. Тоа зборува за целосната неказнивост и увереноста на овие лицата кои ги испраќаат овие закани дека нема да бидат идентификувани, вели бугарскиот министер.

За жал, рече тој во изјавата за медиумите, досега добивме многу гаранции кои не се исполните туку напротив има ескалација на тензиите во Македонија.

Во врска со одбележувањето на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, за што порача дека ако Бугарите бидат запрени на македонската граница и не им се дозволи да одат во Скопје да го одбележат денот, Бугарија ќе реагира негативно.

Покрај Милков, во собраниската Комисија за надворешни работи денеска беше сослушан и бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Ангел Ангелов, кој пред неколку дена беше вратен во Софија за консултации. Во изјавата по седницата тој рече дека во најмала рака е изненаден од различните информации од македонските институции.

– Не може обвинителството во Охрид да отвори случај мотивиран од омраза, а вчера вечерта на некоја телевизиска програма се јави заменик-министерот за локална самоуправа и рече дека Христијан бил нападнат бидејќи дошло до судир меѓу наркодилери. Христијан Пендиков со странски пасош си замина од државата. Никој не го бара на македонска територија, вели Ангелов. (Крај)

извор: 360 степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука