Будимпешта, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Неколку илјади луѓе излегоа вчера на антивладините протести во Будимпешта, со барање за оставка на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Демонстрациите доаѓаат еден ден пред посетата на германската канцеларка Ангела Меркел во Унгарија.
Демонстрантите инсистираат Владата да ги почитува врските со Западот. Според демонстрантите, загрижувачко е дека владејачката унгарска партија ФИДЕС се зближува со Москва.
За време на разговорите меѓу Меркел и Орбан се очекува канцеларката да го покрене прашањето за постигнатиот договор за добивање на кредит од Русија за изградба на нови нуклеарни реактори во унгарската централа Пакс, како и заемот од 10 милијарди евра.
Демонстрантите ја повикаа владата да се придржува кон курсот на Европската унија. Дел од пораките на демонстрантите беа насочени кон Меркел. Протестите против контроверзниот премиер стануваат редовна појава во Унгарија. Еден од поводите за големи незадоволства беше намерата на Орбан да го оданочи користењето на Интернетот во земјата. (Крај)
извор: Ројтерс фото: архива