Охрид, 27. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Полека, но сигурно количината на вода се зголемува, па Билјанините извори го враќаат препознатливиот лик.
Од крајот на септември до втората половина на декември минатата година од овој препознатлив симбол на Охрид периодично сосема малку или речиси воопшто не истекуваше вода. Сега состојбата е различна.
Периодов се бележи и подобрување на хидролошката состојба на Охридското Езеро, иако и понатаму под просекот за овој период од годината.
Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) водата е на кота од 693,25 м.н.в, што е за 13 сантиметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в), односно 15 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 8 степени.
Во Охрид денес претежно облачно и студено време. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 4. степени.
– Денес ќе има повремени локални врнежи од дожд и снег во пониските, а на повисоките места и на планините снег. Утре со северен ветер ќе провејува слаб снег. Потоа ќе се задржи студено време, со утрински температури кои насекаде ќе бидат под нула, а услови за повремен снег ќе има во вторник, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР