Охрид, 2. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Иако сме уште на почетокот на февруари, уште сега треба да се размислува за новата летна сезона, за да не се случи како минатата година, кога дел од плажите на охридското крајбрежје останаа затворени и запуштени, за разлика од Струга, каде како да важат некои други закони.
Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков за Супер радио и OhridPress вели дека состојбата со плажите и натаму е status quo, поради сé уште недонесениот План за уредување на охридското крајбрежје.
– Проблемот со плажите е во Агенцијата за просторно планирање што не го носи Планот за уредување на охридското крајбрежје, од кој детално ќе се види каде треба да има плажи и да бидат уредени според посебни критериуми. Како локална самоуправа подолг период работиме на изнаоѓање решение за издавање на плажите каде претходно постоеле, вели Пецаков.
Впрочем, состојбата веќе цела година не е мрдната од мртва точка. На почетокот на мај 2022 градоначалникот Пецаков порача дека охридските плажи на кои во 2021-ва се уриваа дивоградби на барање на УНЕСКО, ќе се уредуваат, но следната година, односно 2023-та. Минатата сезона овие плажи функционираа без концесионери, лежалки и шанкови бидејќи постапката е заглавена во институциите на системот.
Екипа на OhridPress утрово направи обиколка по дел од најатрактивните плажи како „Куба Либре“ и „Кадмо“. На терен е веќе видливо дека времето полека си го зема својот данок и дека е крајно време да се донесе одлука и да се стави крај на агонијата на концесионерите и нефункционалноста на просторот.
И тогаш како причина за неиздавање на плажите беше наведен недонесениот план како треба да изгледа крајбрежјето. Од друга страна пак, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека има јасни критериуми и законски процедури како општината може да пристапи кон поставување плажи согласно урбанистички план, доколку тој се наоѓа во рамки на Генералниот урбанистички план. За таквата процедура и постапка, согласно новиот Закон се изработува урбанистички проект, кој не треба да оди во Владата, туку Општината може сама да изработи план и да донесе плански документации согласно ГУП-от и планот за управување со УНЕСКО.
Во однос на Урбанистичкиот план за целото крајбрежје Бочварски информира дека изработката е во тек и за тоа се издвоени 30 милиони денари.
Новиот план, покрај тоа каде треба да има плажа, ќе треба да дава и препорака каде и што и смее да се гради и од каков материјал, со цел да се наруши статусот на регионот, на кој му се заканува опасност да биде рангирано како загрозено светско наследство.
Останува да се види дали конечно ќе биде изработен тој план, дали до почетокот на сезоната ќе има време да се постапи по него и како ќе изгледа новата летна сезона во Охрид за која најавите и очекувањата од туристичките работници се дека ќе биде плодна. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес