Охрид, 6. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Исклучително ниските температури ноќеска го замрзнаа најплиткиот дел од езерото, на кеј „Македонија“, кај трската на Мазија.
Ова е честа појава кога температурата се спушта под нулата, особено на овој дел, пред се’ поради плитката вода и нискиот водостој на Охридското Езеро, кое според последните мерења од 3-ти февруари е на кота од 693,26, што е за 15 сантиметри под просекот за февруари.
Според експертите, оваа појава нема никакво негативно влијание врз растителниот и животинскиот свет. Охридското Езеро, за разлика од Дојранското, кое е во групата на умерени езера спаѓа во групата на суптропски езера. Дојранското може и целосно да замрзне, а тоа не може да се случи со Охридското, освен во случаи на исклучително ниски температури и огромни промени на времето.
Метеоролозите за денеска во Охрид најавуваат променливо облачно и многу студено време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура се спушти до -8, додека максималната дневна температура се очекува да се искачи до -1. степени.
– Денес ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60км/ч). Во следните денови ќе се задржи стабилно и студено време со температури кои ќе бидат под просекот за овој период од годината. На места минималните температури ќе се спуштат и под -10 степени, а и дневните ќе бидат под нула до среда, а потоа ќе имаат тенденција на постепен благ пораст, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес/УХМР фото: ОхридПрес