Охрид, 9. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е сам по себе природна убавина. За да се живее во него, треба огромна љубов. За жал, во последните години, ние повеќе земаме, отколку што му даваме, вели филмскиот хроничар и сликар Ѓоко Симјаноски во интервјуто кое е дел од февруарското издание на „Охридските приказни“ во „Форт кафе“.
– Во минатото Охрид беше едне прекрасен и чист град, скоро без загадување. Потоа дојде индустријата, па потоа транзицијата и Охрид повеќе не е она што беше. Секој на свој начин го упропастуваме Охрид, наместо секој на свој начин да го разубавуваме. Само така, Охрид ќе биде вистинска и секогаш убава приказна, вели Симјаноски.
Тој додава дека за да се живее во Охрид треба огрома љубов, а љубовта е двигател на се’.
– Ако нема љубов нема ништо, потенцира Симјаноски.
Интервјуто е најава за уште едно уникатно доживување кое ќе се одржи вечерва во „Форт кафе“, со почеток во 19:00 часот.
– Имаме навистина интересен разговор со Ѓоко Симјаноски – охридски филмски хроничар и сликар, кој вели дека треба повеќе да му даваме на Охрид од тоа што му земаме и дека за да се живее во Охрид потребна е многу љубов кон него. Вечерва од 19:00 часот повелете на самостојна изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд“ со Ѓоко Симјаноски, З’ш Охрид е градска приказна, порачуваат од „Форт кафе“.
„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing