Охрид, 16. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на месецов нивото на водата во Охридското Езеро бележи константен пад.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,18 м.н.в, што е за 23 сантриметри под просекот за февруари (693,41 м.н.в), односно само 8 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода измерена утрово е 6 степени, за половина степен пониска од месечниот просек.
На почетокот на февруари езерото било на кота од 693,26 м.н.в, а во последниве седум дена е намалено за 4 сантиметри
За среќа засега препознатливиот симбол на Охрид, Билјанините извори се во добра „кондиција“.
Во Охрид денес претежно сончево време со умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 10. степени.
– До крајот на неделава времето ќе се задржи стабилно и суво, со повеќе сончеви периоди и со постепен пораст на дневните температури. Најтопло ќе биде за време на викендот. Поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува од понеделник, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР