Охрид, 28. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска светот го одбележува денот на ретките болести. Охрид цел февруари им го посвети лицата со ретките болести со V сезона на националната кампања „Ги Запознаваме Ретките Болести“, со многу осветлени објекти, обоени раце, многу цртежи и прекрасна песничка, вели носителот на проектот, охриѓанката Гордана Лолеска на последниот ден од кампањата – Денот на ретките.
– Горда на уште една ретка, V по ред поштенска марка, горда на поддршката од поединци, општествено одговорни компании, институции, спонзори. Со надеж за подобро утре… навремена дијагноза, пристапност и достапност на лековите за ретки болести да застанеме само на момент колку да земеме здив, бидејќи утре е нов ден, а нашата борба продолжува, порача Лолеска.
Годинашната сезона беше посветена на здравствените работници кои изминативе сезони помогнаа со нивните стручни совети, предлози, пишување текстови, ревидирање на материјали во реализација на кампањата.
Проектот „Ги запознаваме ретките болести“ се реализираше во текот на февруари на целата територија на Република Македонија, годинава на над 70 локални и национални и 2 сателитски канали на македонски и албански јазик. Во боите на ретките болести повторно светнаа Самуиловата тврдина, зградите на општините Охрид, Дебрца и Струга, спомениците во центарот на Охрид, Спортската сала „Билјанини извори“, училишните згради, но и многу други објекти ширум државата.
Петтата сезона од Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“ беше заокружена со промоција на петтата поштенска марка со ретка дијагноза – Деца со ретки болести – Ихтиоза, со што повторно сме први во светот со ваква поштенска марка и ваков редок начин на запознавање на граѓаните со ретките болести. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес