ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Охрид SOS: Не само што не се урива, туку продолжува да се доградува спорниот хотел во Лагадин

Охрид, 5. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS ја информираат министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, како претседателка на Националната комисија за UNESCO, дека продолжува да се доградува спорниот хотел во Лагадин.

– Она што e напишано во извештајот не соодветствува со реалната состојба на терен. Иако во препораката се бара уривање на недовршениот хотел во Лагадин, не само што тој сегмент не е исполнет, туку хотелот викендов се доградува. Бараме институциите да ги исполнат реално препораките, а не да одолговлекуваат со години. Дополнително, нема ажурирана карта со урнати дивоградби, онаму каде пред камери покажаа некаква активност, тие објекти после извесно време се доградени и повторно функционираат. Нема листа на приоритети за уривање и за општините Струга и Дебрца, јавноста не ни знае колку вкупно објекти во тие општини се нелегални градби. До кога ќе се лаже и прикрива дека постои некаква кооперативност од македонска страна? Зошто не започна исполнување на листата барања која ви ја доставивме кон крајот на минатата година, а која од нас ја побаравте? Во која фиока е ставена? Како ќе се спроведуваат препораките, кога од страна на институциите нема воопшто волја за акција? – прашуваат од Охрид SOS.

Додаваат дека во извештајот за состојбата на природното и културно наследство на Охридскиот Регион доставен до UNESCO од страна на Министерство за култура пред еден месец, на страница 24, како одговор на препораката 2d на Реактивната Мониторинг Мисија од 2020 година е спомнато дека Националниот парк „Галичица“ подготвил инвентар на нелегално изградени објекти доставен до Општина Охрид и Министерството за транспорт и врски, како и листа на приоритетни градби за отстранување, иако такво нешто во јавноста не беше споделено, последно што се објави беше дека имале софтвер за мапирање добиен со донација кој ќе се користел за инвентаризација на нелегални градби. За оваа препорака ништо друго не беше напишано во извештајот, иако имаше уште неколку точки.

– Само за потсетување, Препорака 2d на Реактивната Мониторинг Мисија од 2020 година, која беше означена како ИТНА гласи:
„ Забрзување на процесот на уривање на дивоградби/градби со негативно влијание и во Македонија и во Албанија со подготовка на акционен план со утврдени приоритети и временски рамки за уривање со временски хоризонт од три години. Ова имплицира:
i. давање приоритет за уривање на приоритетите идентификувани од Националниот парк Галичица и во општина Охрид;
ii. изготвување листа на приоритети за уривање и за општините Струга и Дебрца
iii. составување на попис за општина Поградец сличен на оној изготвен за општина Охрид и продолжување со проценка на негативните влијанија врз ОУВ на имотот, неговите атрибути и неговото поставување за утврдување на приоритетите за уривање;
iv. да се земе предвид уривањето на објектите со негативно влијание и недовршените објекти во селото Лин;
v. забрзување на административните постапки за да се постигне уривање на недовршениот хотел Лагадин кај Охрид;
vi. изработка на ажурирана карта со урнати дивоградби и оние за кои е предложено уривање.“ – стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: Охрид SOS фото: Охрид SOS

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука