Охрид, 6. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на овој месец нивото на водата во Охридското Езеро е зголемено за два сантиметри, но и понатаму е далеку од просекот за овој перидот од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,20 м.н.в, што е за 29 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,49 м.н.в) и 10 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода 8,5 степени, што е за скоро еден степен над просекот.
OhridPress редовно ја следи оваа исклучително важна тема, во насока на создавање постојан медиумски притисок кон одговорните. Според нашите анализи во текот на цел месец февруари нивото на водата во Охридското Езеро бележеше константен пад.
За среќа препознатливиот симбол на Охрид, Билјанините извори и понатаму се во добра „кондиција“.
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена локална облачност и услови за слаб локален дожд. Максималната температура ќе се искачи до 12. степени.
– Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време. Локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет се очекуваат утре и во петок, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР