Берлин/Охрид, 9. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот туристички сектор трет ден е дел од Интернационалната туристичка берза (ИТБ) Берлин, каде фокус е ставен на одржливост на дестинациите.
– ИТБ Берлин е повеќе од успешен, започнаа преговори за чартер линија Букурешт-Охрид, а се одржаа и состаноци со туроператорот ТУИ, од каде изразија подготвеност за поставување на трета дестинација за 2024 година од која ќе оперираат со чартери, зголемувајки го бројот на туристи. Се реализираа средби со полски туроператори за зголемување на портфолиото на програми од Република Македонија со вклучени нови атракции и кружни патувања за седум дена во нашата дестинација, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Додаваат дека биле остварени разговори со BBC кои понудиле одлични услови за соработка и визуелизација на македонските туристички потенцијали преку нивните канали на комуникација.
– Реализирани се преговори со туроператори од Чешката Република за посета на зимските центри и Охрид во сезона 2023/2024, додаваат од Агенцијата.
Највлијателниот и најголемиот саем за туризам во светот, по три годишна пауза е со изменет концепт во траење од три дена, концентрирани на B2B средби, чии договори треба да дадат силно влијание врз туризмот во 2023 година, за да ги постигне резултатите од 2019 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива