Охрид, 13. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Иако покачено за еден сантиметар во однос на минатата недела, нивото на водата во Охридското Езеро и понатаму е под просечното за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,21 м.н.в, што е за 28 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,49 м.н.в) и 11 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода 7,5 степени, што е минимално над просекот за овој период од годината.
Од почетокот на овој месец нивото на водата во Охридското Езеро е зголемено за три сантиметри, но и понатаму е далеку од просекот за овој период од годината.
Во Охрид денес претежно сончево време. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 12. степени.
– Нов влажен бран со врнежи од дожд ќе има во среда, кога на места ќе бидат пообилни и поројни. Во четврток ќе дува засилен северен ветер, а во петок и за време на викендот ќе преовладува претежно сончево и потопло време, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР