март 18, 2023

Охрид, 18. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 25-та седница на Советот на Општина Охрид глатко од советниците на владејачкото мнозинство беа изгласани годишните сметки на Jавните претпријатија, обвинуваат од ОО на СДСМ од Охрид.

– Она на што сите сме сведоци е дека 5 Јавни претпријатија продолжуваат со загубите, но за разлика од изминатите години, оваа година претпријатијата се со огромни загуби како резултат на непродуктивните трошоци. За сметка на тоа, граѓаните на Охрид добија зголемени цени на услугите за ѓубретарина, зголемени цени на услугите од градски пазар, зголемени услуги за гробарина и гробни места. Бесмислените оправдувања кои секојдневно ги слушаме веќе од далеку се провидни. Фактот дека раководните лица се во неможност да ги менаџираат јавните претпријатија треба да го засега Градоначалникот Пецаков. Но, народот го интересира и прашува: Какво добро видоа луѓето од работата на јавните претпријатија и дали се уште и до кога ќе треба тие да ја плаќаат цената за вработување на партиски заслужни кадри и делење на партиски колач помеѓу неколкумина засегнати? – прашуваат од партијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука