Охрид, 20. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Иако последнава недела е зголемено за четири сантиметри, сепак и натаму нивото на Охридското Езеро е далеку од просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,25 м.н.в, што е за 24 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,49 м.н.в) и 15 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода 8 степени, што е минимално над просекот за овој период од годината.
Од почетокот на овој месец нивото на водата во Охридското Езеро е зголемено за седум сантиметри.
Во Охрид денес сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Максималната температура во Охрид ќе се искачи до 17. степени.
– Утре ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне и во вечерните часови, кога на места ќе бидат пообилни. Потоа следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР