Охрид, 22. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Според последните мерења и податоците на Управата за хидрометеролошки работи (УХМР), нивото на Охридското Езеро е на кота од 693,25 м.н.в, што е за 24 сантиметри под мартовскиот просек и 15 сантиметри над дозволениот минимум.
Подолг период наназад езерскиот водостој бележи големи осцилации, па честа е сликата по кејот на езерото да „му се бројат коските“.
Под просекот нивото беше и во јануари, во текот на минатиот месец беше во константен пад, од почетокот на овој месец пак нивото на водата во Охридското Езеро е зголемено за седум сантиметри, но сепак и понатаму е далеку од просечното.
Граѓаните кои до нашата редакција постојано испраќаат фотографии од различни локации долж охридското крајбрежје коментираат дека ако вака продолжи нашето однесување кон езерото како кон вештачка акумулација, за брзо време, сегашниот прв ред кафе барови и ресторани, може да биде втор.
Покрај осцилациите на нивото, со неговото намалување на површина излегоа плодовите од нашата колективна негрижа, па можеше да се забележат делови од кејот, од бетонските клупи и корпи за отпадоци, бехатонски плочки, пластични шишиња, чаши, кеси и многу други предмети на кои не им е местото во езеро.
Испуштањето пак на матна и непречистена вода во езерото кај вливот на реката Грашница во населбата Воска е приказна за себе.
И понатаму голем предизвик останува зачувувањето на Охридското Езеро како значаен еко-систем. Тоа е неопходно не само поради староста на езерото и раритетниот жив ендемски свет во него, туку и поради фактот што во не така далечна иднина, овој природен воден басен, ќе биде главен извор на снабдување со вода за пиење на целиот регион.
Езерото не е вештачка акумулација за напојување на електрани, туку единствен природен воден резерват во Европа, кој може да се спореди само уште со два во светот: Езерото Титикака во Африка и Бајкалското во Русија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес