ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид и Париз го чествуваа големиот македонски научник д-р Анастас Коцарев

Париз, 27. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Изминатиот викенд во Париз беа одржани неколку манифестации посветени на ликот и делото на големиот македонски онколог и научник д-р. Анастас Коцарев, по повод 133-годишнината од неговото раѓање и 92-годишнината од упокојувањето.

Чествувањата на Коцарев беа заокружени вчера со комеморативна церемонија одржана на неговиот гроб во париската општина Бонди, на која меѓу другите присуствуваа градоначалниците на Охрид, д-р Кирил Пецаков и на париската општина Бонди, Стефен Ерве, како и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев и членови на семејството Коцареви од Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Пецаков, го потенцираше значењето на делото на д-р Анастас Коцарев како една ретка и уникатна приказна на човек кој му подарил „големо нематеријално наследство“ на светот и најави низа иницијативи кои во координација со општина Бонди ќе се реализираат етапно, од именување улици и објекти во двете општини со неговото име, обележување на местата каде живеел и творел, до подготовки за пренесување на гробот на научникот во Охрид и отворање на музеј во неговиот роден град.

– Македонија и Франција имаат вистинска причина за уште едно поврзување и одговорност да работат на популаризација на научната оставнина на научникот, рече Пецаков додавајќи дека д-р Анастас Коцарев припаѓа на ретките граѓани на светот кои планетарно дале придонес за општото добро на сите преку нивната научна и пожртвувана работа во медицината.

Градоначалникот на Бонди, Стефен Ерве, ги поздрави иницијативите во рамките на партнерството меѓу двата града, за кое рече дека е неизбежно бидејќи ликот на Анастас Коцарев станува обврска и силна алка на поврзување меѓу двата града. Тој најави дека наскоро ќе го посети Охрид, за да го види градот на УНЕСКО во кој се родил д-р Анастас Коцарев.

Анастас Коцарев по потекло од старо охридско семејство. Медицинскиот факултет го завршил на Женевскиот универзитет каде што работи и како асистент на универзитетската клиника.

Анастас Коцарев — Википедија

Својата кариера ја продолжува во Париз каде продолжува со истражувањата на Академијата за медицина во Сорбона, Париз. Таму тој продолжува да работи на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум заедно во соработка во Марија Кири- Склодовска која во тоа време била професор и директор на Лабораторијата за радиум на Универзитетот во Сорбона. Бил еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата.

Коцарев е прв во светот кој направил рендографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак.

Умира во Париз на 28-ми март 1931 година под неразјаснети околности. (Крај)

извор: Опсервер фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука