ЕКОЛОГИЈА Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Фронт 21/42: Министерката за животна средина да сподели за кои урбанистички планови во Охридскиот регион е издадено негативно мислење

Скопје/Охрид, 31. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од Еколошко здружение на граѓани Фронт 21/42 со јавна замолница до Министерката за животна средина Каја Шукова да сподели за кои урбанистички планови на територијата на Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион МЖСПП издало негативно мислење.

Ставовите на Министерката беа јавно обелоденети во живо на дебатната емисија „24 анализа“ на Тв 24.

Од Здружението потенцираат дека од нивното речиси 9-годишно работење на ова подрачје може да издвоиме голем број на планови кои се изработени и/или во процес на донесување токму благодарение на Министерството за животна средина, во случајов ќе ги наведеме само плановите кои предвидуваат урбанизација околу Студенчишко Блато, една од највиталните еколошки жешки точки на Охридското Езеро и Рамсар водно живеалиште од меѓународно значење:

1. Горица Исток, опфат 1 и Горица Исток, опфат 2 – МЖСПП овозможи развој на овие планови со тоа што на општината и издаде Решенија за услови за планирање на просторот;
2. Горица Север и Горица Исток, опфат 1 – плановите може да се реализираат благодарение на позитивните мислења на МЖСПП за Стратешките оцени на влијанието врз животната средина (кои, патем речено, изобилуваат со законски прекршувања и не се во согласност со Планот за управување со Охридскиот Регион);
3. Хотел кај „Билјанини извори“ – ќе може да се гради благодарение на Решението за одобрување на елаборатот, издадено од страна на МЖСПП.

– Со сите овие одлуки МЖСПП го крши Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион. Да потсетиме и дека уништувањето на уште една витална област – Св. Наум, истовремено и флагрантно кршење на Законот за заштита на природата, исто така беше овозможено благодарение на МЖСПП, кое даде позитивно мислење за елаборатот за ресторанот „Острово“ и на фирмата и издаде водостопанска согласност. Посакуваме Министерство кое нема да придонесува кон понатамошното уништување на највредното природно богатство во земјата и навистина ќе ги спроведува своите законски обврски – таквото Министерство ќе го поддржиме со огромно задоволство и сите наши капацитети, стои во реакцијата на Еколошко здружение на граѓани Фронт 21/42. (Крај)

извор: Фронт 21/42 фото: Фронт 21/42 видео: Тв 24

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука