Охрид, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Иако на почетокот штрајкот требаше да биде за остварување на определени синдикални права, сепак од изјавата на членот на Штрајкувачкиот одбор, Ристо Николески, дадена за локален медиум, јасно се гледа дека зад штрајкот стои СДСМ од Охрид, што членот на штрајкувачкиот одбор јасно го истакнува, вели преку допис до медиумите директорот на Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“, Звонко Трпески.
Според него, некоректно е, на воспитно-образовниот процес да се ставаат политички етикети.
– Апелирам до колегите кои сега веќе и јавно потврдија која е позадината на овие протести, да се вратат на настава во интерес на нормалното одржување на воспитно образовниот процес. Како директор на ОСУ „Св. Климент Охридски“ ќе ги преземам сите законски мерки кои што ми стојат на располагање се’ со цел учениците да не претрпат штета од оваа политички мотивирана активност, вели во писмениот допис до медиумите, директорот на Охридската гимназија Звонко Трпески.
Околу 25 професори од оваа образовна установа утрово започнаа штрајк со што им се приклучија на останатите членови на СОНК кои протестираат барајќи од Владата зголемување на платите во образованието за 25 проценти, укинување на казните за екстерното тестирање, како и поедноставување на работата со електронскиот дневник.(Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива