мај 5, 2023

Охрид, 5. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на Денот на македонскиот јазик, 5-ти мај, Локалниот огранок на Левица потсетува дека на 11-ти ноември 2022 година, до претседателот на Совет на Општина Охрид – Сашо Донев поднесле иницијатива за замена на странскиот израз Bus Stop со соодветен поим од македонската лексика – Автобуска постојка на сите постојки во околината на Охрид.

– Иницијативата беше одбиена што е доказ за непочитувањето на законските мерки и постепено се ограничува и деградира јазикот, наместо да се унапредува и збогатува. Со означувањето на автобуските постојки само на англиски јазик, постапено е спротивно на член 5 од Законот, кое постапување би значело и прекршочна одговорност за Општина Охрид и градоначалникот. Македонскиот јазик е службен јазик во Република Македонија, односно македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. Македонскиот јазик, покрај употребата во органите на државната власт, се употребува и во органите на локалната самоуправа како и за обележувње на јавните места, натписите во средствата за јавен превоз и во јавните објекти што е регулирано со Закон од Владата на Република Македонија и Министерството за култура, рагираат од Левица ЛО Охрид.

Додаваат дека будно ќе го следат овој проблем и ќе алармираат се’ до моментот кога проблемот ќе биде отстранет, затоа што македонскиот јазик е службен јазик во Република Македонија, односно македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука