Охрид, 10. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Периодов продолжува константниот раст на нивото на водата во Охридското Езеро, но и понатаму е под просечното за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,40 м.н.в, што е за 25 сантиметри под просекот за мај (693,65 м.н.в), односно 30 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 12,5 степени и е за 2,5 степени пониска во однос на мајскиот просек.
И во текот на овој месец продолжува трендот на раст на езерскиот водостој, но сепак недоволно да го достигне просекот за овој период. Од почетокот на месецов нивото е покачено за пет сантиметри.
Во Охрид денес променливо облачно и свежо време со повремени врнежи од дожд, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе се искачи до 14. степени.
– И утре ќе се задржи облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд. Во петок и сабота ќе има повеќе сончеви периоди, а во петок попладне на места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Од недела повторно се очекува променливо облачно време, на места со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР