Охрид/Белчишта, 18. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамките на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“, на плоштадот во селото Белчишта, Општина Дебрца, во понеделник на 22-ри мај 2023 година, со почеток во 11:00 часот ќе го одбележи Денот на Натура 2000, 21-ви мај и Светскиот ден на биодиверзитетот, 22-ри мај.
– Настанот ќе го отвори министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, а поздравни обраќања ќе имаат и шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир и градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачевски. Во продолжение, Даниел Богнер тим лидер на проектот и Ѓоко Зороски од граѓанската организација „Екотуризам“ ќе објаснат повеќе за локалитетот Белчишко Блато како потенцијална Натура 2000 област. По обраќањата присутните водени од организаторите и експертите ќе пешачат околу Белчишко Блато за да се запознаат со природните вредности на ова уникатно природно живеалиште и да дознаат повеќе за видовите кои живеат во него, информираат организаторите.
Настанот е дел од проектот финансиран од Европската Унија „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“. Корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува НИРАС со партнерите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива