Ликовната изложба „Го сакам Охрид…ама го љубим и Тетоо“ на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски во петок ќе биде поставена во Тетово
Тетово/Охрид, 22. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во петок, на 25-ти мај 2023 година, во Дом на АРМ/Музеј на тетовски крај во Тетово, со почеток во 19:00 часот ќе биде отворена ликовната изложба „Го сакам Охрид…ама го љубим и Тетоо“ на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски.
Станува збор за целина од 45 охридски и тетовски мотиви, во сув пастел. Симјаноски, низ своја призма ни ги задава убавините на Тетово и Охрид, градовите кои го одбележуваат неговиот живот, понудувајќи една поинаква димензија на автентичното архитектонско наследство и природата околу која гравитираат овие импозантни зданија, дел и веќе непостоечки, јави glasotnaevropa.mk.
Оваа изложба го овековечува несекојдневното секојдневие, сведочи за колоритноста и отвореноста на веќе одминатото време, трагајќи по нова енергија и нови приказни кои ќе се доживуваат и прераскажуваат, стои во описот за изложбата. Оваа ликовна изложба е во соработка со Музејот на тетовскиот крај.
Ѓоко Симјаноски роден е во Скопје во 1947 година, a oсновното образование го стекнал во Охрид, Тетово, селото Вруток и Гостивар. Средно техничко училиште, електро насока, завршил во Скопје. Високата техничка школа, електро насока, ја завршил во Битола. Како електро инженер работел во ЕМО Охрид од 1971 до 1978 година а продолжил во Завод за урбанизам и архитектура до пензионирањето во 2011 година.
Освен во струката, како надворешен соработник работел во Радио Охрид (над 32 години) и Телевизија ТвМ Охрид. Добитник е на Наградата Сребрена значка за најдобар прилог од Здружението на на локалните радио станици на Македонија.
Од 1996 година до 2018 година, уредник и водител е на емисијата за филм „Филмско око“, во траење од 22 сезони со вкупно 878 емисии. Има изработено голем број на емисии и документарни прилози и филмови, меѓу кои и над 350 емисии на „Музички слалом“, 90 емисии на „Кино бавча“, како и филмовите „Охридското кино Парадизо“, „Песната како повод за разговор“ (1 и 2), „Охридските брилијанти“, „Живот како виножито“ и др.
Во 1997 година има поставено прва самостојна изложба во Охрид, под насловот „Охрид, Охрид, Охрид убав мил“, како и истата година во Кичево – со насловот „Охридски мотиви“. Оваа година, во февруари во Охрид ја има поставено самостојната изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд“, претставувајќи ги златните години и омилените актери од Холивуд.
Има учествувано на голем број на ликовни колонии и групни изложби. Активен член е на фото-клубот „Охрид“ веќе 10 години, со учество на сите годишни изложби. (Крај)
извор: glasotnaevropa.mk фото: glasotnaevropa.mk
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |