мај 25, 2023

Охрид, 25. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани денеска повторно ќе имаат несекојдневна можност да се дружат со легендите на фудбалот на поранешна Југославија, некогашните фудбалери на Црвена ѕвезда од Белград.

Во Охрид доаѓаат Милош Шестиќ, Здравко Боровница, Неделко Милосављевиќ, Бошко Ѓуроски, Јован Аќимовиќ, Јовица Николиќ, Митко Стојкоски, Драги Канатлароски, Тони Мицески и други, кои беа дел од репрезентацијата на Југославија во 60-те и 70-те години на минатиот век.

Од 12:00 часот ќе бидат на Градскиот плоштад каде охриѓани ќе можат да ги видат и да се дружат со фудбалските легенди.

За вистинските вљубеници во фудбалот посебно доживување ќе биде ревијалниот пријателски натпревар меѓу ветераните на Црвена ѕвезда и Охрид. Натпреварот ќе се игра на стадионот „Билјанини извори“ од 17:00 часот, а ќе биде отворена само новата трибина.

Најголема заслуга за несекојдневниот спортски настан повторно има Слободан Булески, првотимец на ФК Охрид во периодот од 1983 до 1987 година, кој на крајот на 80-тите и почетокот на 90-те години живееше во Белград каде играше во повеќе фудбалски екипи.

Дел од легендарните фудбалери предводени од почесниот претседател на клубот Драган Џајиќ се дружеа со охриѓани и пред две години, кога се потсетија на едни убави времиња. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука