мај 28, 2023

Скопје/Охрид, 28. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Матурантката Тијана Силјаноска од ОСУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид на 27-ми мај 2023 година не полагаше државна матура бидејќи од страна на Училишната матурска комисија на училиштето не е пријавена за полагање во Државен испитен центар, појаснуваат од Државниот испитен центар (ДИЦ) околу проблемот со неможноста матурантката да полага државна матура.

– Согласно законските и подзаконските акти за реализација на државната матура, учениците пополнуваат пријава во училиштата каде што се запишани најдоцна до 31-ви декември во тековната година. Потоа следува процес на внес на податоците во база од страна на училишните матурски комисии, обработка на податоци и доставување на списоци со кандидати од страна на ДИЦ до училиштата најдоцна до 15-ти февруари. Училишните матурски комисии списоците со кандидати ги проверуваат и доколку имаат направено грешки ги корегираат и истите со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ. Во случајов од страна на комисија на ОСУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска, се вели во соопштението од ДИЦ.

Државниот испитен центар, се вели во соопштението, и понатаму останува отворен за соработка со сите матуранти и сите училишта и апелира до сите чинители во процесот на пријавување на државната матура многу внимателно да пристапуваат согласно нивните задолженија и надлежности.

Вчера беше објавена информација дека матурантка од охридската гимназија ја нема на списокот за матура, по што родителите побараа oдговорност. Од ОСУ „Св. Климент Охридски“ излегоа со официјално соопштение во кое порачаа дека искрено жалат што се случи ваков несакан проблем и дека нивна заложба е да помогнат и да излезат во интерес на матурантката и родителите.

– Сакаме да потенцираме дека списоците за верификација на податоците за државна матура беа доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до ДИЦ. И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции. На ученичката ќе и’ биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија, стои во соопштението на ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид. (Крај)

извор: Слободен печат/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука