Скопје/Струга, 30. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска, 30-ти мај 2023 година, околу 15:45 часот, на улицата „Орце Николов“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје и Одделението за криминалистички работи при ЕВР Гази Баба ги лишиле од слобода 56-годишниот Б.О. од Гостивар и 29-годишниот Е.М. од струшкото село Франгово.
– Околу 14:30 часот тие избегале од Казнено-поправната установа Затвор „Идризово“, каде што издржувале затворски казни. Б.О. бил осуден на казна од 11 години и 8 месеци за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а има за доиздржување уште пет години, додека Е.М. бил осуден на казна затвор од девет години за сторени кривични дела по член 215 и член 396 од Кривичниот законик и има за доиздржување уште четири години од казната. Тие биле со патничко возило и кај нив биле пронајдени и одземени 120.000 денари. Лицата ќе бидат спроведени во казнено-поправната установа за доиздржување на казните, информираат од МВР. (Крај)
извор: МВР фото: архива