мај 31, 2023

Охрид, 31. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник, на 5-ти јуни 2023 година, ден по празникот Педесетница или во народот познат како Духовден, во црквата „Света Софија“ во Охрид, храмот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кој во еден период од своето десетвековно постоење служел и како соборен храм на древната Охридска архиепископија, ќе се одржи заедничка литургија на македонските и владиците на СПЦ предводени од српскиот патријарх Порфорие, како и свештенството на ПОА, која на последниот црковен сабор во Белград доби канонски отпуст.

Со заедничката литургија со која се заокружува интеграцијата на ПОА во МПЦ-ОА, практично се комплетира целиот процес кој започна со доделувањето на Томосот за автокефалност од страна на Српската православна црква пред една година.

Порталот религија.мк јави дека на Патријархот Порфириј ќе му сослужуваат Архиепископот г.г. Стефан и тројцата владици на МПЦ-ОА кои отстапуваат делови од своите епархии за новите владици. Преспанско-пелагонискиот г. Петар, Кумановско-осоговскиот г. Григориј и Брегалничкиот г. Иларион. Со нив ќе служи и Дебарско-кичевскиот г. Тимотеј, како домаќин.

Од страна на СПЦ, гости ќе бидат Морачкиот епископ Сава и топличкиот Петар, а целиот настан ќе биде пренесуван во живо на Македонската радио телевизија. (Крај)

извор: Религија.мк/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука