Охрид, 9. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – „Заборавениот звук“ е насловен концертот на Чалгија саунд систем, што во спомен на Климе Садило ќе го одржи во Охрид.
Концертот е закажан за 21-ви јуни од 20:00 часот на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Инаку од средината на месец март, виолината од најпознатиот охридски трубадур Климе Садило е изложена во Музеј Куќата на Робевци.
Садило е роден 1881 година во Охрид. Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Најпрвин свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“. Припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива