Охрид, 3.февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Слатинското Езеро повторно се полни со вода како резултат на обилните врнежи од дожд и снег кои наврнаа во текот на изминатиот период.
Надлежните смируваат дека нема опасност бидејќи претходно оваа вештачка акумулација беше испразнета, а доколку се заканува излевање, жителите кои живеат во близина ќе бидат навреме предупредени и по потреба евакуирани.
Познавачите на приликите велат дека нивото на водата може да доживее нагло зголемување при наглото топење на снегот.
На оваа вештачка акумулација пред две години и се закануваше опасност од прелевање поради напукнатата земјена брана. Загрозени беа жителите кои живеат во близина на езерото.
Земјената брана е изградена во 1963 година и често поради материјалот од којшто е направена, попушта при временските неприлики. (Крај)
извор:ОхридПрес фото: Република