јуни 15, 2023

Охрид, 15. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Просторот во предворјето на црквата „Св. Софија“ синоќа беше претесен да ги собере сите љубители на театарската игра, кои дојдоа со полни гради да дишат театар и да бидат дел од отворањето на осмото издание на Аматерскиот театарски фестивал „Вдиши театар“, кој како предвесник на охридското културно лето, во организација на Црвен крст Охрид, се реализира од 14-18 јуни во Охрид.

Блескав настап на театарската група на Црвен крст Охрид која ја изведе театарската претстава „Бара“ во режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц.

– Нашите млади, талентирани актери, на креативен и сликовит начин ги прикажаа животните судбини и предизвици на жртвите на еден систем со нарушени вредности, борбата на човекот со различни искушенија и неправди поминувајќи по тежок пат исполнет со очај и рамнодушност, лутајќи во лавиринтот на безнадежноста, во потрага за подобро утре и подобри ние, порачуваат од Црвен крст Охрид.

Вечерва, втората вечер е резервирана за театарската претстава „Беше тоа само игра“ на театарската група на Црвен крст Суботица, Србија, која е закажана за 21:00 часот, во затворениот дел на предворјето на црквата „Св. Софија“. Влезот за сите претстави е слободен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука